Ова приказна е напишана од најголемата македонска туристичка платформа www.kajak.mk на која можете да најдете се што ви е потребно за едно убаво туристичко искуство Македонија. Од локални сместувања, локални водичи, атракции, тури, гастрономија.
Отворете www.kajak.mk и запознајте се со реалната убавина на Македонија

Тимот на Кајак.мк постојано трага по приказни за луѓе кои тивко, создаваат нешта од вистинско значење за Македонија. Ние таквите луѓе ги нарекуваме „Локални херои“.
Овој пат, патот нè однесе далеку од асфалтот и градската врева – во планинското село Грљани, во источна Македонија, каде што една млада двојка реши да направи чекор кој денес многу млади парови одлучуваат да го направат, а тоа е да излезат од машината на изградениот систем и да му се препуштат на вистинскиот начин на живеење.
Кајак.мк ве запознава со приказната на Николче и Ања. Николче е дипломиран електроинженер со искуство во дигитален маркетинг и живот во Скопје, а Ања е дипломиран графички дизајнер од Нови Сад, навикната на урбан ритам и живот во центарот на градот.
Николче вели дека по нивната свадба, донеле одлука што на многумина им звучи како ризик: да ги напуштат градовите и да започнат нов живот и бизнис во село.

„Кога се вративме да живееме во селото, сфативме дека имаме две опции – или да бараме работа на друго место, или да создадеме нешто свое. Сакавме живот со повеќе смисла и контрола врз времето што го живееме“, ни раскажува тој.
Грљани е типично планинско село, на околу 800 метри надморска височина, со мал број жители и речиси никаква индустрија. Токму таа изолираност, која за многумина би била недостаток, за нив станала предност. Чистата природа, недопрените пасишта и богатството од диви билки се основата врз која ја градат својата приказна, а тоа е приказната за медените производи кои го носат називот „Бабин“.

Пчеларството, всушност, не е ново поглавје за Николче. Тоа е семејна традиција, занает што го научил од мајка му, додека од татко му го наследил претприемачкиот начин на размислување. Ања, пак, направила најголемата промена – од живот во Нови Сад до секојдневие во планинско село во Македонија.
„Не беше лесно, нов јазик, нова средина, сосема поинаков живот. Но чувството дека градиш нешто свое, од почеток до крај, вреди повеќе од удобноста што ја нуди градот“, вели Ања.
Денес, „Бабин“ нуди планински мед и мед од диво цвеќе, како и низа пчелни производи – полен, прополис, перга, матична млеч и нивната специјална имуно-комбинација „Бабин Штит“. Покрај тоа, во понудата се и чаеви од сопствени насади и диво набрани лековити билки, собрани од еколошки чисти предели.

Квалитетот на нивниот мед не останал незабележан. Производите поседуваат органски сертификат, а на натпревар во Нови Сад освоиле две први места – за квалитет и за вкус.
„Наградите ни значат, но уште повеќе ни значи кога луѓето ќе се вратат и повторно ќе купат. Тоа ни е најдобрата потврда дека сме на вистинскиот пат“, додава Николче.
Од берба и грижа за пчелите, преку пакување, па сè до дизајн и комуникација – сè е во нивна организација, со поддршка од семејството кога е потребно. Без голем тим, без инвеститори, но со јасна визија.
Приказната на Николче и Ања не е романтизирана слика за „бегство од градот“. Таа е реален пример дека и во малите средини може да се создаде одржлив бизнис, ако постои знаење, трпение и желба да се работи чесно и посветено.

За нас во Кајак.мк, ваквите приказни се потсетник дека локалните херои не се секогаш гласни и видливи. Понекогаш тие се луѓе кои тивко работат во планинско село, создавајќи производи што ја претставуваат Македонија на најдобар можен начин – со квалитет, автентичност и почит кон природата.
Им посакуваме топло добредојде на Николче и Ања во светот на локалните херои кои го гради „Кајак.мк“. Ваквите инспиративни приказни значат туризам, за кој се надеваме дека ќе „процвета“ еден ден.

Ова приказна е напишана од најголемата македонска туристичка платформа www.kajak.mk на која можете да најдете се што ви е потребно за едно убаво туристичко искуство Македонија. Од локални сместувања, локални водичи, атракции, тури, гастрономија.
Отворете www.kajak.mk и запознајте се со реалната убавина на Македонија






























