Ова приказна е на најголемата македонска туристичка платформа www.kajak.mk преку која можете да резервирате уникатни сместувања во Македонија, локални водичи, атракции, тури и гастрономски искуства.
Отворете www.kajak.mk и запознајте се со вистинската Македонија!
Тимот на Кајак.мк секогаш вели дека ниту една приказна не е лесна и дека ниту еден успех не доаѓа преку ноќ. Зад секој остварен сон стојат труд, трпение и голема љубов кон она што се работи. Успехот не се мери само со локацијата, туку со срцето што го вложуваме и со истрајноста да не се откажеме, дури и кога патот е тежок и далечен. За нас, Македонија денеска не завршува на нејзините физички граници, туку онаму каде се уште се шири мирисот од македонската кујна.

Денес ви ја раскажуваме приказната на валандовчанецот Даниел Петровски, роден во Валандово, кој својата животна и професионална приказна ја продолжува во Германија. Своето место под сонцето го гради во градот Ханау, каде што преку сопствен ресторан ја пренесува љубовта кон македонската и балканската кујна далеку од Македонија.

Даниел се преселува во Германија во 2017 година. Уште од првиот ден, како што самиот вели, ја носел идејата во себе – да отвори ресторан во кој ќе се служи вистинска домашна македонска храна, подготвена според старите рецепти. Патот до сонот не бил лесен. Поминале години во потрага по соодветна локација, средување документи, финансии и соочување со предизвиците што ги носи животот во туѓина. Сепак, вербата и упорноста победиле.
Резултатот од таа борба денес гордо го носи името Scala Coffee & Restaurant – место што не е само ресторан, туку вистинска приказна за дом, традиција и вкус. Сместен во близина на центарот на Ханау, покрај реката Кинциг, Scala нуди пријатно засолниште од брзиот и стресен ритам од германското секојдневие.

Менито е вистинско патување низ македонската и балканската кујна. Даниел вели дека гостите во ресторанот може да го започнат денот со омлет, пити и макала, а да продолжат со свежи салати и јадења што потсетуваат на домашната трпеза.
„Во ресторанот доаѓаат луѓе од целиот Балкан,“ вели Даниел, „но во последно време сè повеќе Германци и гости од други националности. Многу им се допаѓа македонската кујна и се импресионирани од нашите комбинации“ Тоа е најголемата потврда дека вкусот и искреноста немаат граници.

Рецензиите зборуваат сами за себе – пријатна атмосфера, љубезен персонал и неверојатно вкусна балканска храна.
Приказната на Даниел Петровски е доказ дека сонот може да се оствари, дури и далеку од дома. Scala Coffee & Restaurant не е само успешен бизнис – тоа е амбасада на македонската култура во Германија, место каде што Македонија се чувствува, се вкусува и се живее.

Ова приказна е на најголемата македонска туристичка платформа www.kajak.mk преку која можете да резервирате уникатни сместувања во Македонија, локални водичи, атракции, тури и гастрономски искуства.
Отворете www.kajak.mk и запознајте се со вистинската Македонија!






























